РЕДОК АНТАРКТИЧКИ ПИНГВИН ЗАВРШИЛ НА 3.000 КМ ОДДАЛЕЧЕНИОТ НОВ ЗЕЛАНД

Окленд, (Би-Би-Си)

Пингвин стигнал до брегот на Нов Зеланд, 3.000 километри далеку од своето природно живеалиште на Антарктик. Реткиот аделиски пингвин изгледал изгубено кога бил забележан од локален жител и крвните тестови што му биле направени утврдиле дека е малку ослабнат и дехидриран.

Ова е само трет ваков случај регистриран досега, по оние во 1962 и 1993 година.

„Прво помислив дека е играчка, но потоа пингвинот ја помрдна главата и сфатив дека е вистински. Тој не се помести еден час, изгледаше исцрпено“, изјави локалниот жител Хари Синг.

Тој повикал спасувачи кога видел дека пингвинот не влегува во вода. Томас Страке, кој се грижи за пингвини повеќе од 10 години, бил шокиран кога сфатил дека станува збор за аделиски пингвин, вид кој исклучиво живее на Антарктик.

Откако закрепнал, пингвинот бил пуштен на безбедна плажа на која нема кучиња.