„Рентгенска снимка на едно семејство“ на Фирузе Хосрованис е прогласен за најдобар документарец на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, чие 12. издание заврши синоќа во Скопје.
„Преку својот брилијантен наративен стил, таа мајсторски го испреплетува архивскиот материјал од минатото со сопствените семејни слики и писма, додавајќи ги нивните недоследности и недостатоци, па оттаму ја расплетува приказната на неодоливо привлечен начин што овозможува подлабоко разбирање“, стои во одлуката на жирито за наградата „Кромид“ за најдобар филм од главната програма во состав Адел Кохут, Едима Отуокон и Хеле Хансен.
Специјално признание во Главната програма доби „Гунда” на Виктор Косаковски, наградата „Млад кромид“ во категоријата „Нови автори“ отиде кај „Дида“ на Никола Илиќ и Корина Швингрубер Илиќ, додека Специјално издание доби филмот „Помирување“ на Марија Зидар.
Фестивалот затвори со проекцијата на долгометражниот документарец „Хелмут Њутн: Лошите и убавите“ на Геро фон Бом и концертот на Тони Китановски и неговиот бенд.