Ретка црвена панда се роди во зоолошката градина во Берлин, само неколку месеци откако нејзините родители беа донесени од Индија. Вработените во „Тирпарк“ дознале за приновата кога ја забележале скриена во живеалиштето на мајката.

„Не бевме сигурни дали Шајн е навистина трудна, но се надевавме на тоа. Животните дојдоа кај нас во февруари, па уште не ги познававме доволно“, изјави портпаролот на зоолошката градина.

Полот на малата панда сѐ уште не е познат, па затоа засега нема име, а јавноста првпат ќе може да ја види во септември. Шестгодишната женка Шајн и една година помладиот Џоел пристигнаа во Берлин како дел од меѓународната програма за размножување на овие загрозени животни, чие природно живеалиште се источните Хималаи и југозападна Кина.