САКАМ СЕКОЈ ДА ЈА ПОЧУВСТВУВА РАДОСТА НА СОЗДАВАЊЕ УМЕТНОСТ, ВЕЛИ ЃОРГИНА СПАСЕВСКА ЗА РАБОТИЛНИЦАТА „ИСПОВЕДИ НА ПЛАТНО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сите кои имаат дарба за цртање и уметност, но и оние на кои тоа не им е силна страна, можат да се пробаат во уметничката работилница на Ѓоргина Спасевска во Скопје. Ѓоргина, која од хоби почнала да слика, а сега зад себе има неколку самостојни и групни изложби, реши уметноста да ја доближи до секого преку часовите „Исповеди на платно“ во нејзиното студио. Вели дека идејата е инспирирана од комбинација на лични искуства, страст и креативна визија за поттикнување на уметничкото истражување и изразување.

Ѓоргина сака уметноста да ја доближи до секого преку часовите во нејзиното студио насловени „Исповеди на платно“.

„Отсекогаш сум била човек со длабока страст за уметност и креативност и секогаш пронаоѓам радост во уметничкиот израз. Со тек на времето забележав дека луѓето бараат излез за нивната креативност, без разлика дали се почетници кои сакаат да ја истражуваат уметноста за првпат или искусни уметници кои сакаат дополнително да ги развиваат своите вештини. Моја цел беше да понудам флексибилност, креативност или персонализиран пристап, за кој верувам дека навистина може да ги инспирира и поттикне учесниците. Сакав да создадам простор каде што луѓето од сите нивоа на вештини би можеле да се дружат за да ја истражат нивната креативност, да научат нови техники и да се поврзат со други кои ја споделуваат нивната страст за уметност. Размислувајки за целокупната атмосфера што сакам да ја создадам, дојдов до идејата тоа да биде една исповед на платното, каде секој поединечно и на свој начин ќе се изрази себеси и да ги поттикнам поединците да го ослободат својот креативен потенцијал, да се изразат автентично и да ја искусат радоста на создавање уметност“, вели Спасевска, која ја посетивме во нејзиното студио додека се одржуваше еден од часовите.

Часовите траат по 2,5 часа, а откако ќе ја завршат сликата, учесниците си ја земаат со себе.

За учество во работилниците учесниците не мора да имаат напредни уметнички вештини. Потребни се само ентузијазмот, љубопитноста и подготвеноста за истражување, а во студиото ги има сите потребни риквизити за цртање – платно, четки, бои и чаша вино за целосно опуштање и уживање. Часовите траат по 2,5 часа, а откако ќе ја завршат сликата, учесниците си ја земаат со себе. Се случува една слика да се црта и неколку часа.

„Иако некои учесници можеби имаат претходно искуство со уметност, нашите работилници се дизајнирани да бидат достапни за секого. Без разлика дали сте искусен уметник кој сака да ги усоврши своите техники или комплетен почетник кој сака да ја истражува  креативноста, ова е инспиративна средина каде што може да се учи и експериментира. Нашите ‘исповеди‘ се фокусираат не само на техничките вештини, туку и на поттикнување креативност, самоизразување и љубов кон уметноста. Овој пристап покажува дека поседување на одредени уметнички вештини може да биде корисно, но, сепак, не е услов за учество. Ентузијазмот и желбата за учење се најважните квалитети што треба да ги донесат присутните на работилниците“, вели Спасевска.

Таа се надева дека учесниците не само што ќе научат нови уметнички техники и вештини, туку и ќе добијат чувство на инспирација и креативно будење.

„Ме прави среќна што ќе се потопуваме во креативниот процес, ќе учиме едни од други и ќе истражуваме различни стилови на уметност. На крајот, се надевам дека што повеќе (не)креативци ќе го искусат ова уметничко патување со ентузијазам и самодоверба“, додава таа.

А. АНТЕВСКА