САФИН Е ЗАСТРАШУВАЧКИ ЛИК ОД КОЈ БОНД ТРЕБА ДА СЕ ПЛАШИ, ВЕЛИ РАМИ МАЛЕК ЗА НОВАТА УЛОГА

Лондон, (Скај)

Оскаровецот Рами Малек вели дека Џејмс Бонд треба да се плаши од неговиот лик во новиот филм „Не е време за умирање“, чија премиера поради пандемијата на ковид-19 беше одложена од април во ноември. Малек го игра Сафин, главниот негативец во 25. филм за тајниот агент 007.

„Сакав да направам Сафин да биде вознемирувачки лик, а притоа тој да мисли за себеси дека е херој. Сафин е застрашувачки предизвик и Џејмс Бонд треба да се адаптира на тоа“, вели Малек, кој доби Оскар за улогата на Фреди Меркјури во „Боемска рапсодија“.

Актерот во видеонајава на филмот откри дека Сафин бара одмазда и дека е човек кој ќе убие милиони луѓе.

Режисер на филмот е Американецот Кери Фукунага, а по петти и последен пат насловната улога ја игра Даниел Крег.