„Среќните луѓе не слават родендени“ е насловен шестиот роман на Сашо Кокаланов, кој деновиве го објави издавачката куќа „Или-Или“ во едицијата „ПРОаЗА“.
Кокаланов е писател, сценарист, драмски писател, сатиричар и новинар. Работи како професор по филмско и телевизиско сценарио на ФДУ во Скопје.
Издавачот вели дека романот „Среќните луѓе не слават родендени“ е семејна драма за едно сиромашно семејство од Дримкол, инспирирана од вистинска приказна и претставува краток, згуснат книжевен запис кој на очигледен и нескриен начин кокетира со еден сосема поинаков јазик од книжевниот – филмскиот.
„Романот не крие дека е роден како сценарио за филм, а потоа при метаморфозата, авторот намерно настојува четивото да си го промени крзното, но не и ќудта. Динамиката на романот е повеќе од очигледно филмска. Описите се онолку детални колку што е потребно, за да може природно убедливо, но и вехементно да бидат визуелизирани од читателот, а дејствието и сликите се менуваат – ајде да ја избегнеме фразата ‘како на филмско платно’ и да бидеме уште попрецизни – така што ќе му понудат привид на гледање филм снимен во еден кадар. Можеби оттука и одлуката на авторот приказната да ја раскаже Бернардовски, во еден пасус, во еден здив, со претопи на фокусот од еден кон друг лик, изведени на еден иновативен јазичен манир – во една иста реченица“, велат од „Или-Или“.