САШО СТАВРЕВ ЈА ДОЛОВУВА ПЕЛИСТЕРСКАТА ЗИМСКА РАПСОДИЈА СО СВОИТЕ ФОТОГРАФСКИ РАЗГЛЕДНИЦИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Фотографски разгледници, тоа е најсоодветниот израз да се опишат фотографиите на Сашо Ставрев од изложбата „Пелистерска зимска рапсодија“, која е дел од годинашната Зимска приказна во Битола. Во Офицерскиот дом изложени се десетици фотографии кои го покажуваат неговиот сензитивен лов на пелистерски убавини: побелени планински стрмнини кои се отсликуваат во Пелистерските Очи, покривки од мраз над речните долини, залези и изгрејсонца на врвови и други величествени пејзажи.

„Целта ми беше да ги покажам убавините на Пелистер, посебно на повисоките делови, зашто знам дека луѓето сакаат да одат, а немаат можност. Добив идеја на следната изложба да ги поставам фотографиите кои најмногу ми се допаѓаат и потоа да ги поделам. Не можат сите да ги видат езерата, па барем нека ги гледаат на фотографија“, рече Ставрев.

Тој е голем вљубеник во планината исто како и неговиот татко Петар Ставрев. Вели дека во него имал добар водич и учител како во планинарењето, така и во фотографирањето. Дел од сликите се направени додека го придружувал на неговото традиционално искачување на врвот Антена на 2 јануари, кога им носи шампањ на вработените во пунктот на Македонската телевизија. Има фотографии и од манифестацијата „Први на први“, кога група битолски планинари го дочекува првото изгрејсонце во годината на врвот на Пелистер.

Ж. ЗДРАВКОВСКА