СЕ БАРА НОВ ДОМ ЗА 4.000 БИГЛОВИ СПАСЕНИ ОД ФАРМА ВО САД

Вирџинија, (Би-Би-Си)

Речиси 4.000 кучиња од видот бигл бараат дом откако биле спасени од фарма во Вирџинија, САД. Се верува дека тие биле одгледувани за да се продаваат на лаборатории во кои се експериментира со лекови.

Компанијата која ја водела фармата сега е затворена поради кршење на правата на животни и хуманитарни организации се во мисија да им најдат нов дом на кучињата.

„Четири илјади е голема бројка. Ќе требаат 60 дена за да се извлечат сите кучиња оттаму и потоа да се сместат некаде“, изјави Кити Блок, шефица на здружението „Хумано општество“.

Министерството за правда на САД ја тужеше фармата во Камберленд во мај, обвинувајќи ја за суровост врз животни. Инспекторите утврдиле дека некои кучиња биле убиени место да добијат ветеринарска грижа, а 25 кученца угинале поради изложеност на студ.

Сенаторот на Вирџинија, Бил Стенли, изјави дека спасувањето е резултат на повеќегодишна борба. Околу 200 кучиња веќе биле усвоени во јужна Калифорнија.