ТРПЧЕСКИ ВО РОДНОТО СЕЛО НА ТАТКО МУ ЗА МАКЕДОНСКА ПРЕТПРЕМИЕРА НА „МАКЕДОНИСИМО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески го избра живописното струшко село Збажди на планината Караорман како место каде што ќе ја изведе македонската претпремиера на неговиот проект „Македонисимо“. Тоа ќе се случи во предвечерието на празникот Голема Богородица, на 27 август од 17:30 часот.

Покрај Трпчески, во тимот на „Македонисимо“, кој на оригинален начин ја обработува македонската народна музика, се и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал Хидан Мамудов и Влатко Нушев на удиралки.

Трпчески не случајно го избра Збажди за овој несекојдневен настан зашто тоа е родното место на татко му.

Тој ја заврши својата концертна сезона 2021/22 на 5 август на светски познатата сцена „Театро Колон“ во Буенос Аирес. На своето деби пред аргентинската публика, Трпчески и Филхармонискиот оркестар на Буенос Аирес го изведоа Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахмањинов.

Во последните 30-ина дена, Трпчески доби овации на уште три континенти, откако настапи во Хрватска, Јужна Кореја, САД и Канада, каде што се случи северноамериканската премиера на „Македонисимо“.