СЕ ОСЛОБОДИВ ОД ВИНАТА ЗА БОЛКАТА ШТО Ѝ ЈА НАНЕСОВ НА СЕМЕЈСТВОТО ВО 1998, ВЕЛИ ДЕЈВИД БЕКАМ

САД, (Холивуд рипортер)

„Кога се пензионирав во 2013, луѓето почнаа да ме прашуваат да направам документарен филм за мојот живот и кариера“, вели Дејвид Бекам во колумната која ја напиша за „Холивуд рипортер“.

Англиската фудбалска ѕвезда вели дека во тоа време, не бил подготвен да погледне назад.

„Отсекогаш сум бил некој што се префрлал од еден проект на друг и мислев дека уште повеќе да постигнам. Моите родители ми ја всадија оваа работна етика уште како дете. Дури кога се приближивме до 10-годишнината од моето пензионирање, почувствував дека е вистинското време да тргнам на ова патување. Тоа беше голема одлука и не ја сфатив лесно. Сакав да создадам нешто за моето семејство да се осврне наназад, што ќе ракаже сè што доживеавме заедно“, рече Бекам за документарната серија „Бекам“ која излезе во 2023.
Кога го запознал режисерот Фишер Стивенс, знаел дека тој е вистинската личност да ја раскаже неговата приказна. Режисерот не сакал Бекам само да зборува за фудбалот или за бракот со поранешната пејачка во групата „Спајс грлс“ Викторија.

„Од нашите рани разговори можев да кажам дека тој сака да истражува под површината и да ме разбере на подлабоко, човечко ниво. Искрено, имаше моменти кога суровиот пристап на Фишер ме натера да се чувствувам непријатно и малку нервозно. Но, знаев дека прифаќањето на оваа непријатност е неопходен дел од процесот. Му реков дека ова сакам да го направам само еднаш и сакав да го направам како што треба. Морам да признаам дека не бев целосно подготвен за длабочината што ќе ја бара овој процес. Беше предизвик, а понекогаш и тешко. Поминав повеќе од 50 часа со Фишер. После секој разговор со него се наоѓав дека ми треба време да се средам. Размислувањето и за врвовите и за падовите на мојот живот и кариера беше понекогаш ментално и емоционално исцрпувачки“, вели Бекам.

Фудбалерот додава дека сфатил оти многу чувства и емоции оттргнувал настрана со години, зашто отсекогаш го учеле да се воздржува од сè и да биде храбар.

„Ова беше првпат вистински да се соочам со некои тешки моменти во мојот живот, и тоа беше терапевтско. Пораснав и станав познат во време кога ретко се зборуваше за менталното здравје. Гледајќи наназад на времето што јас и Викторија ги издржавме како семејство и нашите искуства по Светското првенство во 1998 кога се соочив со огромен притисок е една од најголемите лекции што ги научив. Сфатив колку е важно да се грижиме за нашето ментално здравје. Пред две децении, прашањата како ‘Дали си добро?’ или ‘Како се чувствуваш?’ ретко се прашуваа. За среќа, денес имаме можност отворено да зборуваме за овие прашања, кои никогаш не треба да се земаат здраво за готово. Се надевам дека секој што се бори денес знае дека не мора сам да го носи притисокот“, вели меѓудругото во колумната Бекам.
Тој кажува дека направил грешка на Светското првенство во 1998, и чувствувал најголема вина за болката што ѝ ја предизвикал на семејството.

„Не би рекол дека снимањето на овој документарец ме затвори бидејќи сè уште чувствувам болка од тие моменти. Но, тоа ми дозволи да си простам и да се ослободам од дел од таа вина. По премиерата, мајка ми ме повлече настрана и ме увери: ‘Не треба повеќе да се чувствуваш лошо“, пишува Бекам.

За време на Светското првенство во 1998 година, во натпреварот со Аргентина по еден дуел тој невнимателно го удри Диего Симеоне и доби црвен картон.