СÈ ПОВЕЌЕ ДРЖАВИ СЕ ИЗОЛИРААТ, 100 МИЛИОНИ ЕВРОПЕЈЦИ ЖИВЕАТ ВО КАРАНТИН

Париз, (Гардијан)

Повеќе од 100 милиони Европејци сега живеат во карантин, откако и Шпанија се затвори како Италија со цел да го спречи ширењето на коронавирусот, а дополнителни ограничувања за патување и движење ќе стапат на сила и во други земји во наредните 48 часа.

Во светот досега има повеќе од 167.000 заразени, а починале речиси 6.500 луѓе. Во последните 24 часа нема нови случаи на коронавирус во Македонија.

Барселона (Фото: АП)

Од вчера, на 47 милиони жители на Шпанија им е наредено да останат дома, освен ако не е неопходно и полицијата ќе користи и дронови за да се обезбеди почитувањето на радикалните мерки.

Словенија, каде што има 219 заразени, вечерва ќе го запре и јавниот превоз, додека низ Франција тој значително ќе биде редуциран, при што во Париз ќе функционира само метрото. Германија утре ги затвора своите граници во најголем дел, додека Австрија ги забранува сите собири со повеќе од пет луѓе.

Мадрид (Фото: Гети)

„Наредните недели ќе бидат предизвикувачки, болни и тешки“, предупреди австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Неапол (Фото: ИПА)