СЕ ПРОДАВА ПЛАКАТОТ ЗА ПРВАТА ФИЛМСКА ПРОЕКЦИЈА НА СВЕТОТ

Лондон, (Гардијан)

Плакат кој ја рекламира првата јавна филмска проекција, што го прикажува животот во Париз кон крајот на 19. век, ќе биде даден на аукција.

Лондонската аукциска куќа „Сотбис“ ќе понуди 164 ретки филмски постери, меѓу кои и оној за кој се тврди дека бил прв на светот, за револуционерниот филм на браќата Лимиер.

Плакатот прикажува група луѓе како одат на првата јавна проекција на филм, што се одржа на 28 декември 1895 година.

Тоа е исклучителен настан во филмската историја, бидејќи го означува почетокот на еден од најзначајните културни случувања на 20. век. Дваесетминутната проекција привлекла не повеќе од 30 луѓе, во соба во којашто имало место за стотина столчиња. Биле поканети и весници, но никој не се појавил.

Се вели дека публиката реагирала на филмот со мешавина на шок и сомнеж. Еден од гледачите, Виктор Перо, запишал дека една жена врескала од страв.

Откако париските весници почнале да пишуваат за проекцијата, на наредните две, на 1 и 2 јануари, се појавиле над 2.000 гледачи, кои платиле по еден франак.

Аукцијата ќе биде отворена на 28 август и се очекува плакатот да достигне цена меѓу 40 и 60.000 фунти.