СЕУЛ ЌЕ ГИ ЗАБРАНИ ПОЛУПОДРУМСКИТЕ СТАНОВИ ПРОСЛАВЕНИ ВО ФИЛМОТ „ПАРАЗИТ“ ПО ПОСЛЕДНИТЕ ФАТАЛНИ ПОПЛАВИ

Сеул, (Би-Би-Си)

Сеул постепено ќе ги забрани полуподрумските станови откако две жени и една тинејџерка се удавија во поплавите оваа недела.

Малите станови, прикажани во филмот „Паразит“, кој освои четири оскари во 2020, обично се изнајмуваат на луѓе со ниски примања, но Сеул повеќе нема да издава дозволи за изградба на такви домови и постепено ќе ги отстрани постоечките.

Ова следува откако градот го погодија најсилните дождови во последните 80 години. Потврдено е дека загинале или исчезнале најмалку 11 лица како последица на поплавите, кои траат веќе три дена.

Во понеделникот вечер, две сестри на 40-годишна возраст и едно 13-годишно девојче беа пронајдени мртви во поплавен полуподрумски стан. Тие барале помош откако нивниот дом се наполнил со вода, но спасувачите не успеале да стигнат до нив. Трагедијата повторно го насочи вниманието кон нееднаквоста во приходите и кон опасностите од живеењето во полуподземните станови наречени банџиха, познати по евтина кирија и лоши услови за живот.

Градските власти рекоа дека ќе се консултираат со владата за да го измени законот за градење, со цел целосно да се забрани употребата на подрумските или полуподрумските простори за живеење. На сопствениците на таквите станови ќе им бидат дадени 20 години да ги пренаменат за други цели, а властите ќе им помогнат да се преселат во јавни станови.

До 2020 година имало околу 200.000 такви станови во Сеул, што е 5% од сите домаќинства во главниот град, покажуваат официјалните податоци. Тие денес се изнајмуваат за околу 350 долари месечно.