Неочекуваниот победник на Оскарите „Паразит“ раскажува приказна за корејско семејство кое живее во мал, мрачен полуподрумски стан и иако таа е измислена, амбиентот е автентичен. Вакви станови се викаат banjiha и илјадници луѓе живеат во нив во Сеул.

Триесет и едногодишниот Ох Хи-Чеол вели дека во неговиот стан речиси и да нема дневна светлина. Ја има толку малку што и неговите мали сукулентни растенија не можат да преживеат. Тој може да влезе во станот преку прозорците, а во лето се соочува со неподнослива влажност и се бори со мувлата која брзо се развива.

Малата бања нема мијалник и е крената половина метар над подот. Плафонот во бањата е толку низок што тој мора да стои со подраширени нозе за да не се удри со главата.

„Кога се вселив, цело време се удирав во нешто. Со тек на време се навикнав на оваа околина“, вели Ох.

Илјадници млади луѓе во Сеул завршуваат во вакви станови додека напорно работат и се надеваат на подобра иднина.

Вакви станови не се чуда на архитектурата на Сеул, туку производ на историјата и се поврзани со стравот на Јужна Кореја од можен воен судир со северниот сосед. Во 1970 година, владата утврди градежен код според кој сите новоизградени висококатници мора да имаат подруми кои би служеле како бункери во случај на национална опасност. Дури во 1980-ите, владата им дозволи на луѓето легално да живеат во нив.

Иако Јужна Кореја важи за 11. најголема светска економија, голем број луѓе, особено млади, не можат да си дозволат свој дом. Вакви подрумски станови денес се изнајмуваат за околу 350 долари месечно.

(Фото: Би-Би-Си)