ШЕСТ БАЛКАНСКИ ПРЕТСТАВИ НА ФЕСТИВАЛОТ РУТА ВО СКОПСКИ ДРАМСКИ ТЕАТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со премиерата на претставата „Фирма“ во режија на Нела Витошевиќ, вечерва во 20 часот во Драмски театар се отвора 16. издание на фестивалот РУТА, кој ќе трае до 8 октомври. Станува збор за фестивал на Регионалната унија на театри РУТА Група Триглав, во која членуваат Београдско драмско позориште, Камерни театар 55 од Сараево, Улисис од Загреб, Местно гледалишче Љубљана, Градско позориште Подгорица и скопски Драмски театар. Фестивалот е основан во 2019 и се одржува на секои два месеца во еден од шесте театарски центри.

На 4 октомври доаѓа „Декамерон“ (Градско позориште Подгорица) во режија на Дејан Пројковски, а следниот ден Местно гледалишче Љубљана со „Нора“ во режија на Витошевиќ.

Камерни театар 55 ја носи претставата „Син“, во режија на Дино Мустафиќ, на 6 октомври, а Београдско драмско позориште учествува со „Самрак на боговите“, во режија на Јагош Марковиќ, на 7 октомври.

Фестивалот ќе се затвори на 8 октомври со „Отело“ (Улисис), во режија на Украинката Оксана Дмитриева.

Поради големиот интерес на публиката, од Драмски велат дека во продажба се пуштени поединечни и блок билети. Билетите чинат 1.000-1.200 денари од претстава, а блок картите се 4.900, 4.200 и 3.900 денари, во зависност од бројот на претстави.

Фото: Славната српска глумица Бранка Катиќ игра во претставата „Самрак на боговите“. (Фото: Д. Удовчиќ)