Шестмина малолетници се меѓу 59-те загинати во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ кој се случи на 16 март. Според Обвинителството, од 59 загинати, 3 се на возраст од 16 години, 3 на 17, 4 на 18, 1 на 19, 2 на 20 години, 6 на 21, 2 на 23, 7 на 24 години, 3 на 25, 7 на 26 години, 2 на 27, 1 на 29, 3 на 30, 2 на 31, по 1 на 32 и на 33 години, 4 на 36, 2 на 38, 1 на 43, 2 на 44, 1 на 47 и 1 на 48 години. Жртвите се денеска погребани во родните места.
Од 59-те загинати, 43 се од Кочани, по пет лица се од Скопје и Штип, тројца од Пробиштип, двајца загинати се од Виница и едно лице е од Струмица. Повредени се 178 лица, од кои 64 се во државните болници во Македонија, 13 се во приватните болници, a во моментов 101 пациент се лекува во странство.
Министерството за здравство ги соопшти имињата на загинатите жртви: Алексова Стефанија (2004), Џамов Јорданчо (1993), Трајчев Иван (2000), Ѓоргиев Џоко (2000), Коларов Александар (1981), Величков Иван (1998), Стојанов Андреј (2000), Aнтова Ивона (2003), Христовски Павел (2004), Димитријев Диме (1994), Насевски Никола (2007), Богданов Тоше (1994), Тодоровски Тоше (1988), Коцева Ана (2004), Живков Адријан (2000), Петрушов Гордан ( 2001), Горгиев Игорче (1976), Стевановски Филип (1988), Стојанов Томче (2003), Стоименова Моника (1999), Стојанов Стојанчо (1988), Пројковска-Николовска Сара (1977), Шопова Марија (1997), Ивановски Петар (2004), Ѓорѓиев Александар (1991), Марковски Матеј (2007), Закова Бојана (1997), Василков Ѓорѓи (1999), Петров Александар (1999), Минова Драгана (2008), Алексова Сара (2006), Ѓорѓиески Андреја (1982), Ивановски Филип (2008), Јорданова Сара ( 2007), Стрезоска Марија (2001), Ефремов Александар (1992), Велков Игор (1980), Тасева-Стојковска Лепа (1998), Атанасовски Мартин (1996), Алексов Александар (1986), Минов Божидар (2001), Милковска Кети (1999), Златков Томас (2003), Соколова Стефанија (2005), Велков Леонид (2007), Наунова Надица (2007), Јорданов Виктор (2000), Панов Андреј (2000), Иванов Димитар (2008), Стоименов Спиро (1998), Владимиров Јове (1993), Андонов Ице (2003), Тасевски Стефан (1988), Величков Ѓорѓи (1994), Стојанов Александар (1986), Христова Сања (1999), Танески Дамјан (2006), Спасова Моника( 1998) и Лазаров Андреј (1999).
Судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вчера им одредија мерки притвор по 30 дена на секој од уапсените 7 началници и инспектори од СВР Штип и од Полициската станица Кочани која е под ова СВР. Сите се осомничени за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, за кое е пропишана затворска казна од три години до 20 години. Седумтемина вчера беа спроведени во Основниот кривичен суд Скопје, бидејќи за лица со полициски овластувања постапува исклучиво Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
За дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која на 16 март во пожар загинаа 59 лица, а 178 се повредени, имало пријави во полиција за кривични дела и нарушување на јавен ред и мир, но и покрај тоа во 2023 година била издадена лиценца, а полициските службеници кои вчера беа уапсени дале позитивно мислење дека ги исполнува сите услови. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на вчерашната прес-конференција кажа дека службените лица вработени во СВР Штип и Полициската станица на Општина Кочани изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.