ШПИОНСКИОТ ТРИЛЕР „ПРЕДАВСТВО“ СО ЏЕНИФЕР ЛОРЕНС ВО КИНАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Шпионскиот трилер „Предавство“ со Џенифер Лоренс игра во кината „Синеплекс“ и „Милениум“.
Трилерот е базиран на книга на поранешниот оперативец на ЦИА Џејсон Метјус и ја пренесува приказната за руската шпионка Доминика Ергова.

Кога ќе претрпи повреда поради која мора да ја заврши кариерата како примабалерина, Доминика и нејзината мајка се соочуваат со мрачна и несигурна иднина. Очајна и изманипулирана, таа се приклучува на обука во таканаречената Школа за врапци, тајна разузнавачка агенција за млади луѓе, кои ги користат своите тело и ум како оружје.

„Оваа улога бараше сериозна физичка подготовка. За балетските сцени морав многу да тренирам – три месеци по четири часа секој ден. Тоа беа навистина интензивни тренинзи, но, сепак, недоволни да ме доведат до нивото на една балерина од ‘Бољшој‘ театарот“, објаснува Лоренс.

Во двете кина игра и наградуваната црна комедија „Три билборди пред Ебинг, Мисури“, која доби четири Златни глобуси и седум номинации за Оскар. Главните улоги ги играат Френсис Мекдорманд, Сем Роквел, Вуди Харелсон и Питер Динклиџ.