ШУМА СО ГОЛЕМИНА НА ФУДБАЛСКИ ТЕРЕН СЕ СЕЧЕ ВО АМАЗОНИЈА СЕКОЈА МИНУТА

Рио де Жанеиро, (Би-Би-Си)

Област со големина на фудбалско игралиште се уништува во амазонските дождовни шуми секоја минута, покажуваат сателитските податоци. Степенот на загуби се забрза откако новоизбраниот бразилски претседател Жаир Болсонаро го стави развојот пред конзервација.

Амазонија е најголемата дождовна шума на светот и клучна за забавување на глобалното затоплување.

Висок функционер кој сакаше да остане анонимен изјави за Би-Би-Си дека владата го охрабрува сечењето шуми. Ова е поткрепено со сателитски снимки, кои покажуваат значително зголемување на сечата од почетокот на годината, што се совпаѓа со доаѓањето на Болсонаро на власт во државата која е сопственик на најголемиот дел на амазонскиот регион.

Според последните анализи, во просек, еден хектар шума се расчистува секоја минута. Главната причина за тоа е да се добијат нови пасишта за добиток.

Амазонските шуми задржуваат огромни количества јаглерод во своите неколку милијарди дрвја. Секоја година, лисјата апсорбираат и големи количества јаглероден диоксид, што инаку би завршил во атмосферата и би придонесол за пораст на глобалните температури. Амазонија, исто така, е дом на најголемиот биодиверзитет на светот и тука живее една десетина од сите животински и растителни видови, исто како и еден милион домородни луѓе.