ШВАЈЦАРЦИТЕ ЌЕ ЗАКОПААТ 2.000 ПАРА ГАЌИ ВО ЗЕМЈА ЗАРАДИ НАУЧЕН ЕКСПЕРИМЕНТ

Женева, (ДПА)

Фармери и сопственици на градини ќе закопаат 2.000 пара бели гаќи низ Швајцарија за да помогнат истражување за квалитетот на почвата.

Државниот истражувачки институт Агроскоп испраќа по два пара памучни гаќи на секој учесник во истражувањето, кои само треба да ги закопаат во земја. Гаќите потоа ќе се испитуваат за да се утврди колку текстилот бил разграден од ситни организими.

„Тоа е индикатор за квалитетот на почвата“, изјави лидер на проектот Марцел фан дер Хајден.

Тој вели дека слични експерименти веќе биле направени во Канада, но не во олкав обем. Еден пар ќе се ископа после еден, а другиот после два месеца. Распаѓањето на природните влакна ќе се анализира дигитално, па колку повеќе дупки, толку поздрава почва.