Осумгодишно девојче стана интернет сензација откако извлекла 1.500 години стар меч од езеро во јужна Шведска.
„Почувствував како допирам нешто со раката и во прв момент помислив дека е стап. Потоа видов дека има рачка што личеше на меч. Кога го извлеков, извикав: ‘Тато, види, најдов меч‘“, изјави Сага Невецек за локалниот весник „Вернамо нихетер“.
Пронајден уште во јули, за веста се дозна дури оваа недела, по што голем број луѓе нагрнаа кон езерото Видестерн. Согласно легендата за кралот Артур, некои дури повикаа Сага да биде крунисана во кралица на Шведска.
Експертите од музејот во Јенкепинг проценуваат дека мечот потекнува од петтиот-шестиот век, од предвикиншката ера и на него сè уште има остатоци од дрво и кожа. Долг 85 сантиметри, тој моментално се реставрира и најверојатно нема да биде изложен во јавност уште најмалку една година.
„Како завршил таму, не знаеме. Можно е дека ова било место за жртвувања“, вели Микаел Нордстрем од музејот во Јенкепинг.