СИТЕ БРОЕВИ НА СПИСАНИЕТО „КИНОПИС“ ДОСТАПНИ ОНЛАЈН НА САЈТОТ НА КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кинотеката на својата интернет страница ги објави сите броеви на „Кинопис“, списанието за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности. На овој начин се одбележа 30-годишнината од излегувањето на првиот број.

До крајот на април достапни ќе бидат броевите од 25 до 54, а до средина на мај ќе бидат поставени ПДФ-верзии и на броевите 18-24. Списанијата можат да се пронајдат во полето Изданија.

„Во овие 30 години, во ‘Кинопис’ не остана ‘негибнат’ ниеден сегмент, ниеден аспект од филмските уметност, историја и теорија, како и ниту еден момент во целосниот производен/продукциски процес на создавањето филм досега“, пишува уредникот Петар Волнаровски во својот воведен текст во последниот (55-56), јубилеен двоброј на списанието.

Визуелниот изглед на списанието го постави Костадин Танчев-Динка уште со првиот број во 1987, а од третиот број до денес, графичко-ликовното уредување и дизајнот на насловните страници ги прави графичкиот дизајнер и ликовен уметник Ладислав Цветковски.