СКАПИНО БАЛЕТ ОД РОТЕРДАМ ВЕЧЕРВА ГОСТУВА СО ДВЕ ДЕЛА НА ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (20 часот) во Македонскиот народен театар (МНТ), како дел од Танц фест Скопје 2021, ќе гостува дел од Скапино балет Ротердам, една од најзначајните компании за современ танц на светот, која прославува 75 години од основањето. Таа доаѓа со две кореографии на Ед Вуб, „Резонанца“ и „Везул“, додека Скопје танцовиот театар ќе ја изведе претставата „Меѓусвет (Убавите жени)“ во кореографија на Рисима Рисимкин. Настанот е поддржан од Амбасадата на Холандија.

„Програмата е во чест на долгогодишната соработка со холандски уметници, како и поддршката што Амбасадата на Холандија ја дава за развојот на современиот танц во земјава. На амбасадорот Дирк Јан Коп вечерва ќе му биде доделена специјалната награда Менада“, вели Рисимкин.

„Резонанца“ ги обединува музиката на холандскиот пијанист Мишиел Борстлап и страсната кореографија на Вуб, кој е долгогодишен уметнички директор на Скапино балет. „Везул“ е ода за Париз, на музиката на Жак Брел.

„Меѓусвет (Убавите жени)“ е претстава инспирирана од поезијата на Блаже Конески, со музика на Тони Китановски. Настапуваат Мими Поп Алексова, Дејан Битровски, Бобан Русески, Ивана Балабанова, како и студентите на Катедрата за современ танц при УГД, Сара Димковска, Стефани Шаршмит (Германија) и Емилија Милак (Црна Гора).