Трамвај без шини со погон на водород е нов, еколошки вид на јавен превоз што Скопје ќе го добие следната година, потврди градоначалникот Петре Шилегов. Тендерот за набавка на новите возила ќе биде распишан до крајот на годината и планирани се две долги релации, Ѓорче Петров-Ново Лисиче и Бутел-Пинтија.
Според димензиите и функционалноста, таканаречениот треклес трем е ист концепт на транспорт како трамвај. Тој ќе се движи по една коловозна лента, која физички ќе биде одвоена од останатите две.

„Од Ѓорче Петров до Ново Лисиче имаме добра инфраструктура и трамвајот би се движел во крајната лева лента. На втората делница ќе има градежни работи за проширување на улицата Цветан Димов и таму ќе се движи во крајната десна лента. Значи, градот нема да се прекопува за да се постави електрична инсталација, туку тој ќе се воведе побрзо и поевтино“, вели Шилегов.
Град Скопје планира да набави 60 возила за двете релации, кои ќе имаат капацитет од 250 патници. Планирано е на станица да има возило на секои три-четири минути. На овие линии нема да има автобуски превоз, па ќе се направи сосема нов концепт на автобуски линии.
Трамвај без шини не е ни трамвај, ни автобус и се движи на гумени тркала по градски улици. Тој е нов вид на превозно средство во светот и досега е воведен во Кина, Катар и Австралија.