СЛИКОВНИЦАТА НА ГЕОРГИЕВА „ЏИНОВСКА ПРОДАВНИЦА ЗА ФАНТАЗИИ“ ПРЕВЕДЕНА НА ШПАНСКИ И КАТАЛОНСКИ ЈАЗИК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Една од најпознатите шпански издавачки куќи „Трамунтана“ ја издаде сликовницата „Џиновска продавница за фантазии“ на Бистра Георгиева, а илустрациите се на шпанската илустраторка Моника Каретеро.

Сликовницата е издадена на шпански и каталонски јазик и веќе може да се најде во книжарниците низ цела Шпанија, по што ќе следува и нејзино издавање на територија на Латинска Америка. „Џиновска продавница за фантазии“ беше издадена лани во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарача преку нивната интернет-страница.

Ова е втора соработка на  Георгиева и една од најпознатите европски илустраторки Моника Каретеро. Каретеро која е автор на повеќе од 70 книги издадени во Шпанија, Англија, Австралија и САД е добитничка на повеќе престижни награди, меѓу кои за најдобра книга на лондонскиот и шпанскиот саем на книги.

Издавачката куќа „Трамунтана“ е специјализирана за детска литература, а шпанското и каталонското издание на „Џиновска продавница за фантазии“ може да се купи и онлајн преку „Амазон“.