СО НОВ „ВУДСТОК“ ВО АВГУСТ ЌЕ СЕ ОДБЕЛЕЖИ 50-ГОДИШНИНАТА ОД ЛЕГЕНДАРНИОТ МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛ

Њујорк, (Ројтерс)

Педесет години откако фестивалот „Вудсток“ стана момент кој ја дефинираше хипи контракултурата, на истото поле северно од Њујорк наредниот август ќе се одржи јубилеен настан.

Уметничкиот центар „Бетел Вудс“ објави дека тоа ќе биде „тридневен фестивал на музика, култура и заедница“, со кој на историската локација на „Вудсток 1969“ ќе се одбележи неговиот златен јубилеј. Оваа непрофитна организација е сопственик на полето од 15 хектари на коешто се одржа фестивалот во 1969 година.

„Фестивалот што ќе се одржи од 16 до 18 август ќе биде настан за сите генерации. Планирано е да настапат музички имиња од повеќе жанрови и декади“, објави таа на Фејсбук.

„Вудсток“, опишан како „три дена музика и мир“, се смета за еден од најзначајните настани во музичката историја. Иако познат под ова име, фестивалот всушност се одржа во Бетел, 110 километри јужно од селото Вудсток.