СО НОВИТЕ ДЕЛА НЕ РЕШАВАМ ПРОБЛЕМИ, ПОСТАВУВАМ ПРАШАЊА, ВЕЛИ УМЕТНИКОТ СТРАХИЛ ПЕТРОВСКИ ЗА ИЗЛОЖБАТА ВО КИЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Фрагментирани реалности“ е насловена изложбата на Страхил Петровски, која ќе се отвори денеска (24 ноември) во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје. Кураторка на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, историчарка на уметност

„Проектот е моја субјективна реакција и рефлексија на она што ми (ни) се случува во ова проблематично и турбулентно време (и години наназад), време на конфликти од секаков тип, политички превирања, време на изместени вредности, бескрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен, време на кризи и војни кои влијаат на виталноста на целата планета. Во тој контекст, оваа изложба нема за цел да ги реши проблемите, туку да генерира прашања, да ги истражи основните вредности на нашето постоење, слободата, напредокот, цензурата, самоцензурата“, вели Петровски, кој е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници.

Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.

Изложбата ќе биде отворена до 4 декември и е дел од проектот „Скопје кандидат за Европска престолнина на културата 2028“.

(Фото: КИЦ)