СО ВЕЧЕР НА ДУБРАВКА УГРЕШИЌ СЕ ОТВОРА КНИЖЕВНИОТ ФЕСТИВАЛ „ДРУГА ПРИКАЗНА“

Скопје, (СМАРТСДК.МК)

Со книжевна вечер на хрватската писателка Дубравка Угрешиќ утре во Сули ан во Скопје почнува тридневниот книжевен фестивал „Друга приказна“. Утре во 20ч, во видеоразговор кој ќе го води Румена Бужаровска, Угрешиќ, која е и лауреатка на фестивалот, ќе зборува за своето творештво и општествен ангажман. За вонредните остварувања на Угрешиќ во експерименталната проза ќе говорат писателот Гоце Смилевски, книжевната теоретичарка Мерима Омерагиќ и книжевната критичарка Ирена Јовановиќ.
Ќе бидат промовирани и две нови македонски изданија на Угрешиќ, најновата книга „Нарилник за вештерки“ и нејзиниот, можеби најпознат роман, „Штефица Цвек во челустите на животот“. Книгите се во коиздание на Темплум, Контрапункт и МАМА Загреб.
На седмото издание ќе се претстават 40-ина гости од регионот и од земјата, а вториот и третиот фестивалски ден ќе се одвиваат во МКЦ.

Фестивалот во 18 часот ќе го отвори белградскиот трансдисциплинарен уметник Урош Крчадинац со изложбата „Бантустански мапи“ и предавањето „Дигитална поетика“. Рачно илустрираните мапи од патописниот роман „Бантустан“ на Крчадинац се сложени таписерии од пиктограми, идеограми, различни писма, грбови, лавиринти, тајни пораки и скриени симболи. Како патописен роман и рачно илустриран атлас, интимна исповед и збирка животни приказни, „Бантусан“ е приказна за поделбите, изолацијата, контактот и замислувањето на новата картографија на човековите односи на заедничката планета. Предавањето „Дигитална поетика“ е базирано на двете сестрински книги на Крчадинац, „Тактилна поезија“ и „Оптимизирана поезија“, воедно дигитално-книжевен уметнички проект. Тие ги опишуваат новите поетски пракси за производство на текст во време на масовен надзор, вештачка интелигенција и дигитална комодификација. Првата фестивалска вечер ќе биде затворена со концерт на Димитра во 22:30.
Под слоганот „Нова писменост“ фестивалот ќе ги истражува експерименталните образовни практики во наставата по книжевност, критичката и демократска училница, создавањето на книжевните канони. Влезот на сите настани е слободен.