Собранието денеска ќе расправа по барањето да се одобри притвор на петте пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и на еден од Социјалистичката партија, осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со организираниот напад во парламентот на 27 април.
Ова барање доаѓа од Основниот суд 1 во Скопје и претходно вчера беше прифатено од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. На седницата не се појавија нејзините членови Крсто Мукоски и Јохан Тарчуловски, кои се меѓу пратениците за кои е побаран притвор.
- Притвор е побаран за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Жаклина Пешевска, како и за Љупчо Димовски од Социјалистичката партија.
- Тие се осомничени за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, во врска со организираниот напад на Собранието на 27 април, кога беа повредени Зоран Заев и Зијадин Села.
- За ова дело е предвидена минимална затворска казна од десет години.
- Седницата на којашто ќе се расправа дали ќе им се одреди притвор почнува во 12 часот.
- Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека се трага по 12 од вкупно 36 лица, кои се товарат за ова кривично дело. Тој не ги откри нивните имиња, ниту дали некои од нив се пратеници.
- На 13-мина осомничени во средата им беше одреден притвор од 30 дена, а на уште двајца вчера, додека шестмина се во домашен притвор. Уште тројца денеска добија решенија за притвор, од шестмината на кои првично им беше одреден куќен притвор.