„СПОЈУВАЊЕТО“ НА ЈУПИТЕР И ВЕНЕРА ЌЕ СОЗДАДЕ СПЕКТАКУЛАРЕН СЈАЈ НА НЕБОТО

Лондон, (Би-Би-Си)

Јупитер и Венера ќе изгледаат како да се допираат на небото во првата ноќ во март. Денешниот феномен е познат како спојување, зашто создава впечаток дека една планета се наоѓа многу блиску до месечина, ѕвезда или друга планета.

Според НАСА, отсјајот од најголемата планета Јупитер и најсветлата планета Венера ќе создаде спектакуларен сјај. Набљудувачите ќе можат да видат и четири од најголемите месечини на Јупитер.

Во изминатите неколку недели, двете планети постепено се доближуваа една до друга, но во реалноста, тие се раздалечени 600 милиони километри.

Спојувањата често се случуваат во нашиот Сончев систем зашто планетите кружат околу сонцето во приближно иста рамнина и на тој начин трасираат слични патеки низ небото. Така што, иако овие две планети често се спојуваат без длабоко астрономско значење, тоа е сепак убава глетка“, вели НАСА.

Ако небото биде чисто, спојувањето ќе може да се забележи и со голо око.