СПОМЕНИКОТ НА СЛОБОДАТА ВО КОЧАНИ ЌЕ ЗАЖИВЕЕ СО МУЗИЧКО-СВЕТЛОСЕН ПЕРФОРМАНС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Три диџејки ќе бидат дел од новиот перформанс на платформата „Терапија“, која на овој начин сака да заживее објекти од културното наследство на Македонија.

Музичко-светлосниот перформанс ќе се одржи в петок од 18 часот кај Споменикот на слободата во Кочани, а ќе настапат Ода Халити од Косово, Чорбика од Србија и Илина Ангел од Македонија.

Отворен во 1981, Споменикот на слободата е дело на академик Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ и неодамна беше најавено дека ќе се реставрира со американски грант од 254.300 долари. Комплексот е во знак на сеќавање на историските борби на македонскиот народ од Илинденското востание до Втората светска војна. Во 1982 е прогласен за споменик на културата и недвижно културно наследство.

Платформата „Терапија“ досега организираше слични настани и во места како „Македониум“ во Крушево и Стара железничка станица и Пошта во Скопје.