Дваесет и шест ученици од скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ самоиницијативно се организираа и со сопствени пари купија новогодишни подароци за штитениците од Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско Поле.
Заводот обезбедува дневно и интернатско згрижување, опсервација, рехабилитациско-корективен третман, воспитување, образование, работни оспособување и окупација, спортско-рекреативен и културно-забавен живот, како и здравствена заштита за лица со умерени и тешки пречки во интелектуален развој.
Средношколците од III-7 велат дека одлучиле предновогодишно да ги направат среќни децата на кои им е потребна помош.
„Со скромни парични средства изработивме подароци, обезбедивме и новогодишни колачи и ги посетивме децата. Имаше Дедо Мраз, дел од нас беа облечени како принцези и бевме пречекани со големи радост и воодушевување. На задоволство на сите, се дружевме и пеевме заедно. И решивме дека ќе се видиме во следна прилика. По нашата ваква иницијатива се чувствуваме посреќни и поисполнети и мило ни е кога правиме некого среќен“, велат учениците.