СРЕДНОШКОЛЦИ ОД „НОВА“ КРЕИРААТ РОБОТИ ЗА МЕЃУНАРОДНИ НАТПРЕВАРИ

Скопје, (Смарт СДК)

Клубот за роботика на меѓународното училиште „Нова“, со роботот кој беше креиран од средношколци, учествуваше на престижен натпревар за роботика во Романија минатиот месец и успеа да стигне до полуфиналето. Иако не го освоија првото место, тие сепак се задоволни со фактот дека од година во година сè повеќе учат со што се мотивираат да продолжат да се остручуваат во ова поле. Зборувајќи за големиот интернационален натпревар, велат дека е вистински предизвик што си ги измериле силите со 13 квалитетни екипи од седум земји – Македонија, Чешка, Австрија, Русија, Латвија, Полска и домаќинот Романија. Клубот за роботика е составен од 15 средношколци, кои работат под менторство на двајца професори.

„Настанот се одржува во американското интернационално училиште во Букурешт. Тимовите се натпреваруваат во натпревар наречен ’Спасување на реликвијата‘. Една од главните задачи кои роботот треба да ги изврши е да јa земе реликвијата и да ја пренесе преку работ на теренот. Целата игра оди во парови и еден тим станува пар со друг. Еден тим со кој сте во алијанса во една игра може да биде ваш противник во друга игра. Целата игра трае две минути и 30 секунди и започнува со 30 секунди автономен мод односно роботчето се движи, да кажеме, самостојно односно играчите не смеат да ги држат контролерите“, велат менторите на клубот по роботика при училиштето „Нова“.

Додека роботот се движи автономно треба да заврши неколку задачи: да крене коцка која е поставена до роботот; да скенира слика закачена на работ на теренот и базирано на истата коцката да ја пренесе на соодветна локација; да ја детектира бојата на еден од двата камена и да го тргне од позиција каменот на противничкиот тим и роботот треба да се паркира на соодветно означена зона.

„Сите овие активности носат одреден број на поени. По завршување на овој дел роботот преминува во контрола на играчите кои треба да ги земат останатите коцки и истите да ги наредат во една од одредените шеми за да добијат дополнителни поени. Ако играчите не сакаат да одат во шема може и да пополнат еден ред или една колона за што исто добиваат дополнителни поени. Во последните 30 секунди играчите имаат право да го пренесат реликтот од почетната локација надвор од теренот (со помош на рака на роботот) за да добијат дополнителни поени“, ги објаснуваат правилата менторите на клубот.

По враќањето од Романија, екипата од училиштето „Нова“ веднаш почна да работи на доусовршување на нивниот робот и веќе размислува како ќе се претстави на следното издание на манифестацијата догодина.