СРПСКАТА ПРЕТСТАВА „НОЌ НА БОГОВИТЕ“ ВЕЧЕРВА ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Српската претстава „Ноќ на боговите“ според текстот на хрватскиот автор Миро Гавран, во режија на Марко Манојловиќ, ќе се изведе вечерва од 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ). Улогите ги играат Небојша Илиќ, Војин Ќетковиќ и Дејан Луткиќ.

„Како кај повеќето драми напишани во втората половина на 20. век, и во оваа не постои јасна жанровска определба. Ако е потребно да се измисли жанровска кованица за оваа претстава, тоа звучи отприлика вака: трагикомедија со елементи на фарса во рамки на политички театар. Или, како што обично велат актерите, ‘животна претстава’“, вели екипата.

Динамичната драма за љубовта, пријателството и владеењето, полна со неочекувани пресврти, во изминатите 25 години имаше дури 19 премиери ширум светот, од Сараево, Марибор, Подгорица и Мостар, до Вашингтон, Мелбурн, Софија и Прага.

Луткиќ за претставата вели: „Таа нѐ спои. Сите тројца почувствувавме возбуда, прво како читатели на драмата, а подоцна се јави и потреба да се обидеме како уметници да ја пренесеме таа возбуда до публиката. Поделбата произлезе од желбата да играме ликови какви што не сме играле досега. Да излеземе од нашата ‘удобна зона‘ и да ѝ се претставиме на публиката во ново светло“.