„Тивкото момче“ на Театарот за деца и млади од Крагуевац ја освои Гран при наградата за најдобра претстава на првото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.
„Оваа претстава е комплетен уметнички чин што храбро отвора чувствителни теми, користејќи внимателно избран театарски јазик, лесно препознатлив и прифатлив од публиката“, се наведува во одлуката на жирито.
За најдобри актери се прогласени Марко Хергешиќ за хрватската претстава „Авантурите на баронот Минхаузен“ и Јулијана Мирчевска за улогата на Марика во „Јованче и Марика“, во изведба на театарот „Бабец“ од Битола.
„Авантурите на малиот Јују“ се закити со наградите за режија (Рената Карола Гатица) и костимографија (Џениса Пецотиќ), како и со специјалната награда за колективна актерска игра и користење сценски елементи направени од природни материјали.
На првото издание на фестивалот „Игор Маџиров“, што го организираше скопскиот Театар за деца и младинци, учествуваа девет претстави од пет европски земји.
(Фото: ТДМ)