Хорор стрипот „Џитерс“ (The Jitters) од Стефан Николовски ќе биде промовиран вечерва (31 октомври) од 20 часот во просториите на „ОРО Радио Бар Галерија“ во Скопје. Николовски е автор на сценариото и цртежот.
Станува збор за жанровски антолошки стрип, збирка од четири приказни, во кои протагонистите ги занемаруваат последиците предизвикани од нивните исполнети желби.
„Преку наивното вкусување на четири бонбончиња почнува серијата кошмарни настани, кои оживуваат потиснати трауматични спомени, ширејќи одмаздољубие“, стои во најавата на стрипот, чиј промотор ќе биде критичарот Златко Ѓелески.
Промоцијата ќе биде проследена со изложбата „Ул. Чудни карактери бр. 6“ на Симона Новаковиќ и Петар Миљковиќ, тетовирање во живо, тематски коктели, диџеј сет и маскенбал по повод Денот на вештерките.