СТРИП ВО КОЈ ПРВПАТ СЕ ПОЈАВИЛ СУПЕРМЕН СЕ ПРОДАДЕ ЗА РЕКОРДНИ ШЕСТ МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Стрип од 1938 година во кој за првпат се појавил Супермен се продаде на аукција за шест милиони долари, со што стана најскапиот стрип на сите времиња.

Ова е најважниот и највлијателен стрип некогаш објавен зашто првпат му го претстави на светот Супермен. Без Супермен и ‘Екшн комикс‘ кој знае дали некогаш ќе го имавме златното доба на стрипот и дали тој ќе станеше медиум каков што е денес“, изјави потпретседателот на аукциската куќа „Херитиџ“, Бери Сандовал.

И покрај староста, стрипот е во одлична состојба, со живи бои. Кога излегол, чинел десет центи.

Приказната напишана од пријателите Џери Сигел и Џо Шустер го открива потеклото на Супермен како вонземско дете испратено на Земјата за да се спаси од уништувањето на неговата планета. Во 2021, копија од овој стрип се продаде за 3,25 милиони долари.