СТУДЕНТИ ОД ПЕТ ДРЖАВИ УЧЕСТВУВААТ НА РАБОТИЛНИЦАТА ЗА КОНЗЕРВАЦИЈА НА ЛОКАЛИТЕТОТ СТОБИ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

На археолошкиот локалитет Стоби се одржува работилница за конзервација и реставрација на римски керамика, стакло и мозаик, на која учествуваат 14 студенти.

„Учесниците работат две седмици на конзервација на керамика и една на конзервација на стакло. Работат на автентични керамички садови пронајдени на овој локалитет“, кажа конзерваторката Билјана Јанкуловска-Пеева.

Во тек се и конзерваторските активности во рамките на работилницата за документација и конзервација на мозаик. Учениците работат на конзервација на околу 200 делови од мозаик, пронајден во просторија близу храмот на Изида. Сето ова се реализира под раководство на Томе Филов, конзерватор за мозаик од НУ Стоби и Алесандро Лугарди, конзерватор за камен и мозаик од Италија.

Работилницата е во соработка со фондацијата „Балканско наследство“ од Стара Загора, Бугарија, која трае од 2010. Годинава, учесниците доаѓаат од САД, Австралија, Кина, Нов Зеланд и Ирска.

П. ПЕЧКОВ