„СУДБО МОЈА“ МИ Е ОМИЛЕНА МАКЕДОНСКА НАРОДНА ПЕСНА, КАЖА ЈЕЛЕНА ТОМАШЕВИЌ НА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Српската поп-пејачка Јелена Томашевиќ сношти на концертот во Филхармонијата доби силен аплауз откако ја испеа „Судбо моја“, македонската народна песна која своевремено ја пееше Васка Илиева. Томашевиќ ја има оваа песна на репертоарот на концертите откако ја испеа како преработка на албумот на Гарабет Тавитјан и браќата Тавитјан, „Македонското срце чука во 7/8“.

„Ова е мојата омилена македонска народна песна. Оние кои ми ја следат кариерата знаат дека почнав како пејачка во КУД ‘Абрашевиќ‘ и отсекогаш ја негувам изворната музика. Мојот татко знаеше да ги слуша народните песни на радио Белград, да ги запишува и потоа да ми предлага кои да ги пеам“, рече Томашевиќ. Ја испеа и „Македонско девојче“, а кларинетистот од бендот кажа анегдота од нивниот последен концерт во Струмица.

„Едно момче ми пријде да се сликаме по концертот и кога го прашав дали нешто свири, ми кажа дека свири кларинет. Потоа директно ми рече: ‘Јас ја свирам Македонско девојче подобро од вас’. Затоа си реков дека убаво ќе ја навежбам за концертот во Скопје, за да не ми се случи ова пак“, рече музичарот.

На концертот, Јелена Томашевиќ ја испеа и „Македонско девојче“ (Фото: К. Попов)

Томашевиќ важи за еден од најдобрите женски вокали во популарната музика во регионот. Најмногу се прослави откако на „Евросонг“ во 2008 година во Белград, со песната “Оро“ го освои шестото место. Жељко Јоксимовиќ ѝ направи албум со етно-поп музика, и тие песни се и денес нејзините најголеми хитови, како и песните кои ѝ пишува и продуцира македонскиот композитор Дарко Димитров. Томашевиќ често снима во студиото на Димитров и приватно се блиски пријатели. Освен нејзините песни, таа испеа и преработка на „Битанга и принцеза“ од „Бијело Дугме“.

„Кога Жељко Бебек ме слушна како ја пеам оваа песна во проектот ‘Ѕвездите пеат ѕвезди’, му се допадна и рече: ‘Јас тоа го испеав како битанга, а таа како принцеза“, кажа Томашевиќ. Концертот траеше два часа, а го организираше „Вајб продукција“. Пејачката го заврши на најубав начин, со песната „Златен ден“ (Златни дан) од Бисера Велетанлиќ на бис.

М. ЏАРОВСКА