Режисерското деби на актерот Бредли Купер „Ѕвезда е родена“ со Леди Гага во главната улога од денеска игра во скопското кино Синеплекс.
„Ѕвезда е родена“ е римејк на легендарниот филм со Барбра Стрејсенд и Крис Кристоферсон од 1976 година, иако овој филм има свои уште порани верзии, од 1954 и 1937 година.
Во филмот, Гага ја игра Ели, надежна пејачка на која постар колега ѝ помага да се пробие во музичката индустрија.
Со сцени снимани на големите фестивали „Гластонбери“ и „Коачела“, сите песни се изведени во живо, со што талентот на Леди Гага доаѓа до полн израз. Таа е трета музичка дива која се најде во оваа улога, но притоа не можеше да има потешка задача, бидејќи одеше по стапките на Џуди Гарланд и Стрејсенд.
„Да се биде во овој филм е остварување на сон и вистинска чест. Способностите на Бредли како режисер, актер и музичар се неверојатни“, изјави Гага по премиерата на Венецискиот филмски фестивал.
На филмот му се најавува голем успех во претстојната сезона на награди.