Вечерва во 20 часот, во објектот Чифте амам на Националната галерија на Македонија ќе се отвори мултимедијалната изложба на Тања Балаќ. Видеоинсталацијата насловена „Вкрстени избори“ се состои од слика, фотографија, инсталација и видео.
Текстот во каталогот за изложбата е на проф. д-р Ивица Џепаровски и се однесува на експерименталниот филм „Вкрстени знаци“, за чија основа послужија сликарските дела на Балаќ и анимацијата и визуелните ефекти на Никола Дрвошанов.
Филмот неодамна беше селектиран на 13. издание на Интернационалниот фестивал за видеоарт Магмарт во Неапол, Италија. На тој начин, овој седумминутен филм стана дел од постојаната колекција на музејот ЦАМ и Магмарт, на кој досега учествувале повеќе од 1.400 уметници од над 80 земји.