„ТАНЕЦ“ И „ЛАДО“ СО ЗАЕДНИЧКИ КОНЦЕРТ ВО ОХРИД ПОСВЕТЕН НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Ансамблите на народни игри и песни „Танец“ од Македонија и „Ладо“ од Хрватска вечерва ќе имаат заеднички концерт на Охридско лето, од 22 часот во Антички театар.

Концертот е хуманитарен и како што велат од фестивалот, средствата собрани од продажбата на билети ќе бидат донирани за потребите на здравствениот систем, како „благодарност за трудот на медицинските лица во справувањето со пандемијата на ковид-19“.

Од 20 часот, во црквата „Света Софија“ ќе настапи камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“. Солист ќе биде флејтистката Богдана Бушевска. Со концертот ќе се одбележат 35 години од постоењето на овој состав.