В четврток (2 ноември) од 20 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга концерт ќе одржи НУ „Танец“ во рамките на проектот „Танец низ татковината“.
Ова е долгогодишен проект на „Танец“, кој е циклус концерти во центрите за култура низ земјата. Во последниве неколку години ансамблот настапи во Велес, Прилеп, Куманово, Битола, Охрид, Тетово, Штип и велат дека овој четврток со радост ќе се претстават пред публиката во Струга.
Концертот на играорниот хор, вокалниот ансамбл и оркестарот е најавен како атрактивна играорна и вокално-инструментална програма од разни региони во кои се создавало македонското музичко-сценско фолклорно творештво. Сите учесници ќе носат автентична носија, соодветна на репертоарот кој го изведуваат, а кој покрива различни етнографски региони на Македонија.
Публиката во Центарот за култура во Струга ќе проследи неколку кореографски постановки, како „Жетварка“, „Водарки“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Радовишки собор“, изворното оро „Копачка“, но и повеќе вокално-инструментални точки.
(Фото: Фејсбук)