ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ПОЧНУВА НА 11 АПРИЛ СО ПРЕТСТАВАТА „ГОСПОЃИЦИТЕ ОД АВИЊОН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Сирово: од движење до виртуозност – 20 години извонредност во современиот танц“ е мотото на 20. издание на Танц фест во Скопје, кое почнува на 11 април во Националната опера и балет (НОБ).

Дваесеттото издание започнува со програмата насловена „Паралели“, која ја означува соработката помеѓу фестивалот и НОБ и во која ќе се прикажат три современи кореографии на домашни автори.

„Програмата ‘Паралели’ претставува една парабола која го поврзува НОБ со современата танцова сцена. Таа е од големо значење и претставува сведоштво за имплементирање на модерниот израз во балетот врзан исклучиво за македонски кореографи“, вели уметничката директорка на Балетот, кореографката Олга Панго, чија претстава, современиот балет „Госпоѓиците од Авињон“, в четврток ќе го отвори фестивалот.

Во склоп на програмата „Паралели“, на 16 април е претставата „Сага“ на кореографката Рисима Рисимкин, со музика на Тони Китановски, сценографија на Матеа Мијановиќ и со костимите на Благој Мицевски, а на 23 април е балетскиот триптих „Молитви за моето тело“, чиј идеен творец е костимографот Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска, а кореографиите се на Ивана Коцевска, Адријана Данчевска и Саша Евтимова.

Јубилејот ќе се слави со програма на 30 април во Македонскиот народен театар (МНТ), а фестивалот се затвора со светската кореографска ѕвезда Мурад Мерзуки на 17 мај во МНТ.