ТАНЦОВ ПЕРФОРМАНС НА МАКЕДОНСКИ СТУДЕНТИ И КОРЕОГРАФ ОД СЛОВЕНИЈА ВЕЧЕРВА ВО МОБ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во фоајето на Македонската опера и балет (МОБ), вечерва во 20 часот ќе се изведе танцовиот перформанс „Проект М“ на кореографот Нелсон Валмор од Словенија.

Настанот го организира Искра Шукарова, танчарка и професорка на катедрата за современ танц на Факултетот за музичка уметност во Скопје, со цел да се зачнат нови соработки кои ќе ја стимулираат и ќе ја надградат работата на студентите.

По неколкудневните работилници со студентите, Валмор вечерва ќе го претстави перформансот, кој ги истражува разиграноста и кинестетичко-физичката интелигенција во уметноста на повеќе нивоа, како изведувач, танчар, кореограф, кловн, учител, писател, модератор, издавач и продуцент.

„Валмор ќе навлезе во процесот/игра преку развивање на кинестетичко-физичката интелигенција за да се добие одговорот на ’Што ми е потребно?’, а потоа ќе продолжи со потрагата, користејќи различни и постојано менливи движечки изрази“, вели Шукарова.

Следниот настан во нејзина организација, како дел од „Номад денс академи-Македонија“, е најавен на 29 април, на Светскиот ден на танцот. Кореографката од Њујорк, Еагли, го подготовува проектот со македонскиот музичар Џијан Емин, кој ќе се изведе во Македонската филхармонија.