На 30 декември во 20 часот во Театар Комедија премиерно ќе се изведе претставата „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ, кој е воедно и преведувач на драмите на Мекдона на македонски јазик, заедно со драматургот Горјан Милошевски.
Играат актерите: Сергеј Димоски (во улогата на Мик Дауд), Елена Кузманов (како Мериџони Раферти), Виктор Арсов (како Мартин Хенлон) и Тони Денковски (полицаецот Томас Хенлон).
Пиесата „Череп во Конемара“ е дел од трилогијата „Линејн“ и првпат е поставена во 1997 година во Градскиот театар во Голвеј. Дејството е сместено во рурално место во околината на градот Голвеј, во областа Конемара, каде што живеат навидум богоугодни и длабоко религиозни луѓе.
„Сè што ќе кажам за оскаровецот Мартин Мекдона и еден од најбрилијантните драматурзи во моментов ќе биде излишно. Публиката веројатно веќе го познава неговиот сензибилитет по неговите филмови ’Трите билборди пред Ебинг, Мисури‘, ’Во Бриж‘, ’Седум психопати‘, како и последниот, ’Тажачките на Инишерин‘, кој од сите овие филмови има најслична атмосфера со ’Череп во Конемара‘.
И во оваа пиеса, како и во сите негови филмови и драмски текстови, има беспрекорно напишани карактери, пресврти и апсурден црн хумор, кој ќе им се допадне на оние со специфична смисла на хумор. Претставата постојано се движи помеѓу комичното, темното и апсурдното. Динамиката често преминува од бурни моменти на смеа до тензични откритија и закопани тајни. Ова ќе биде моја четврта средба со Мартин Мекдона и мило ми е што токму во Театар Комедија ќе ја комплетирам трилогијата ’Линејн‘“, вели Спасиќ.
Во екипата се и: Валентин Светозарев (сценограф), Ивана Каранфиловска Угуровска (костимограф), Дарија Андовска (автор на музиката), Марија Ѓоргиевска (асистент на костимографот).
Репризата е на 26 јануари 2024.