Вечерва во 21 часот, во центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во рамките на Охридско лето, премиерно ќе се изведе претставата „Мизантроп“ од Молиер, во режија на Ана Вукотиќ од Црна Гора, во продукција на Театар Комедија од Скопје.
„Уверен сум дека публиката ќе биде многу шокирана, бидејќи очекуваат лесна комедија, но станува збор за љубовта на човекомрзецот или за омразата на човекољубецот. Каде е љубовта, каде е омразата. Впрочем, ја имаме смеата, но горчлива. Дури и таква горчлива и болна смеа, нас како луѓе може да нѐ спаси“, рече на денешниот прес, директорот на Комедија, Сашо Ристовски.
Режисерката Вукотиќ рече дека претставата обработува тема со далеку поширок контекст, што не ја засега само Македонија.
Во „Мизантроп“ настапуваат десетина актери од Театар Комедија. Алсест го игра Атанас Атанасовски, Флинт е Александар Михајловски, а Орнот е Столе Мицов. Мирјана П. Ристов е Селимена, Магдалена Ризова-Черних е Елијанта, а Жаклина Петровска-Милјановска ја игра Ариноја. Драматург на претставата е Дарко Јан Спасов, костимите се на Лина Лековиќ, а музиката е дело на Александар Радуновиќ-Попај.
Селекторот на драмската програма на Охридско лето, Александар Поповски, најави дека во иднина ќе се прават напори да бидат застапени повеќе премиерни изведби, претстави планирани и работени специјално за фестивалот, што беше пракса пред многу години.
Д. ЧУБРИЌ