ТЕЛЕСКОПОТ „ХАБЛ“ ГО ПРОСЛАВИ 30. РОДЕНДЕН СО НОВА НЕВЕРОЈАТНА ФОТОГРАФИЈА ОД ВСЕЛЕНАТА

Вашингтон, (Би-Би-Си)

Телескопот „Хабл“ беше лансиран пред точно 30 години и го одбележа тоа со уште една неверојатна снимка од вселената. Направена е во регион на формирање ѕвезди во близина на Млечен Пат, околу 163.000 светлосни години од Земјата.

Поголемиот објект се вика небула НГЦ 2014, а неговиот придружник НГЦ 2020. Астрономите ја нарекоа сцената „Космички гребен“, зашто потсетува на подморски свет.

Снимката што „Хабл“ ја направи за 25. роденден (Фото: НАСА)

Лансиран на 25 април 1990, „Хабл“ направи неверојатни фотографии од ѕвезди, планети и галаксии, кои помогнаа да се трансформира нашиот поглед на вселената. Тој и натаму се смета за една од најважните научни алатки досега изградени.

Хабл“ сѐ уште е далеку од пензија и НАСА вели дека неговите операции ќе бидат финансирани сѐ додека е продуктивен. Минатата година, „Хабл“ собрал податоци за речиси 1.000 објавени научни трудови.

Снимка од регион на Голема Мечка (Фото: НАСА)

Научниците се убедени дека тој ќе остане во функција и после оваа деценија, иако неговиот наследник, телескопот „Џејмс Веб“, треба да биде лансиран следната година. Сите четири инструменти, две камери и два спектрографа, и натаму работат со полн капацитет.

Пред да биде лансиран, научниците не беа сигурни дали универзумот е стар 10 или 20 милијарди години. „Хабл“ помогна да се утврди точната старост – 13,8 милијарди.