„ТЕСЛА“ СТАНА ВТОРА НАЈВРЕДНА АВТОКОМПАНИЈА НА СВЕТОТ

Њујорк, (Би-Би-Си)

„Тесла“ го надмина „Фолксваген“ и стана втора највредна автомобилска компанија на светот, откако драматично порасна вредноста на нејзините акции.

Тие сега вредат двојно повеќе во споредба со октомври, при што пазарната вредност на компанијата достигна над 100 милијарди долари.

И покрај тоа, „Тесла“ сѐ уште е далеку од јапонскиот автогигант „Тојота“, чија вредност е проценета на 320 милијарди долари.

Аналитичарите сметаат дека наглиот подем на „Тесла“ се должи на исполнетите производствени цели и на отворањето на новата фабрика во Шангај.

„Тесла“ соопшти дека лани испорачала 367.500 автомобили, 50% повеќе во однос на 2018, но овие продажби, сепак, се минимални во споредба со конкурентите. Така на пример, „Фолксваген“ продал 11 милиони, а „Тојота“ девет милиони возила во првите 11 месеци од 2019.