ЛИКОТ НА АЈНШТАЈН СЕ НАЈДЕ НА НАЈМАЛАТА МОНЕТА НА СВЕТОТ

Берн, (АП)

Ликот на Алберт Ајнштајн ја краси најмалата монета на светот, што ја направи Швајцарската национална ковачница.

Златната монета има само 2,96 милиметри и е тешка 0,063 грама и ќе може да се купи за 199 швајцарски франци. Според Свисминт, направени се само 999 примероци од оваа монета, чија номинална вредност изнесува 0,25 франци.

На овој начин, Швајцарија го слави делото на Ајнштајн, кој го револуционаризираше светот на физиката со равенката за еднаквоста на масата и енергијата. Свисминт соопшти дека се обидел да ги примени истите квалитети и во изработката на „најмалата паричка на светот“, користејќи се со апсолутна прецизност. Ајнштајн поминал дел од животот во Швајцарија и токму во Берн ја развил својата теорија на релативност.