Зимата 2003 неколку фотографи од Тетово решија да ја продолжат фотографската традиција на Тетово, започната уште во минатиот век со бројните тетовски фотографски студија, потоа преку Фотоклубот „Тетово“ и со Фотокино студиото при Домот на културата во Тетово. Таа 2003 година градот донекаде ги залечи раните од конфликтот во 2001 година, па тетовските фотографи решија дека е време за нов почеток, дека треба повеќе да се мисли на културата наместо на некои други лоши работи. И така, од година во година, „Чкрап“ растеше, и се развиваше, иако немаше никаква поддршка ниту од државата ниту од локалната власт. Но, тоа не ги поколеба тетовските фотографи, па за овие 20 години успеаја да опстанат и да воспостават една традиција, а тоа е секоја година да организираат годишна фотографска изложба на своите членовите. Оваа година тоа беше 19/ изложба по ред која беше отворена во галеријата на Музејот на Тетово.
„Кога пред 20 години, кон крајот на 2003 година, ние од ‘Чкрап!’, се впуштивме во авантурата наречена фотографија ни на крај памет не ни беше дека возбудата ќе не држи толку долго, цели дваесет години (а таа трае и понатаму). 20 години се две третини од постоењето на Македонија како самостојна држава. 20 години е една десеттина од постоење на фотографијата од нејзиното постоење до денес. 20 години ‘Чкрап!’ е убава бројка. Фотографијата е глобален феномен. Во светот дневно се снимаат и дистрибуираат милиони фотографии. Денес секој е фотограф благодарение на паметните телефони опремени со одлични камери. Од нив сигурно има неколку стотици илјади фотографи кои посериозно се занимаваат со фотографија. И, во целиот тој глобален феномен – фотографијата, Фотогрупата ‘Чкрап!’ од Тетово го бара своето место под сонцето, а нашиот континуитет во работата (покрај самостојните успеси и добиени признанија на многу членови на ‘Чкрап!’), олицетворен преку 20 годишни изложби на фотографии до сега, е потфат достоен за почит“, изјави Драги Неделчевски член на Фото групата „Чкрап“.
„Чкрап“ меѓудругото е позната и по тоа што во неа членуваат не само фотографи од Тетово, туку има членови од повеќе градови од Македонија и неколкумина кои живеат и работат во САД, Чешка, Германија, Холандија и други земји и тие редовно учествуваат на годишните изложби на фото групата во Тетово. Меѓу нив е и доајенот на македонската фотографија Александар Кондев кој воедно е и почесен член на ФГ „Чкрап“.
„Фотогрупата ‘Чкрап’ му подари на Тетово 20-годишна традиција. Во овој период од овој клуб произлегуваат автори кои, не само што го надминуваат значењето на Тетово, не само значењето на македонската фотографија, туку овие фотографи излегоа и надвор од овие простори, што зборува дека имало некоја подлога, творење и едукација. Значи може и во помалите средини, а не само во Скопје, да се создава, а сé ова што го гледате овде на оваа изложба, тоа се оние камчиња кои влегуваат во мозаикот кој се вика: македонска традиција, македонска култура. Тетово со „Чкрап“ доби автори, доби луѓе и доби уметност“, изјави Кондев на отворањето на изложбата.
З. АНДОНОВ